Во Охрид на “Билјанини Извори“ беше само 1:0 за нашиот шампион против првакот на Црна Гора, но со малку повеќе среќа, барем според шансите, Струга ТЛ уште завчера по првиот меч можеше да го реши патникот за следната квалификациска фаза во Лигата на Конференции. Требаше во најмала рака резултатот да биде 3:0 или 4:0. И се да биде готово. Толку Струга ТЛ на таа средба беше подобра од Будуќност.
Но и покрај се, стружани се големи оптимисти, веруваат во себе, го респектираат Будуќност, но сепак очекуваат да се мине оваа пречка и да изборат пласман во 3.квалифилациско коло во ЛК каде ги очекува подобриот од дуелот меѓу ТНС (Велс) и Есперанж (Луксембург).
Реваншот како што е познато се игра во вторник, на градскиот стадион во Подгорица со почеток од 21 часот.
Експедицијата на Струга ТЛ, се патува со автобус, за Подгорица тргнува во недела точно на пладне. Се очекува во главниот град на Црна Гора да пристигне во раните вечерни часови во недела. Во понеделник секако дека е закажан вообичаениот тренинг на стадионот каде што ќе се игра средбата во вторник, како што рековме, со почеток од 21 часот.
Најважно е што, барем засега, тренерот Шпетим Дуро ќе може да смета на сите свои расположиви сили од играчкиот кадар.