По вчерашната потврда за останувањето на браќата Дамјан и Војдан Стојановски и на Андреј Андоноски во плаво-белиот дрес за следната сезона, денеска информација за подмладување со двајца супер-талентирани кошаркари, кои се иднина на македонската кошарка.
Марко Миловановиќ (21 год, 196 см)) и Марин Петков (20 год, 193 см) се нови членови на актуелниот првак.
„Двајцата се во подолгорочните планови на нашиот стручен штаб, но не само како перспектива, туку и како кошаркари кои веднаш по доаѓањето ќе дадат значаен придонес на патот кон одбрана на двојната домашна круна и кон враќањето во јадранската елита“, велат од МЗТ Скопје.
Миловановиќ успешно ги мина сите младински селекции на Македонија, веќе има повик за настап и во најдобриот состав на жолто-црвените, што доволно говори за неговиот квалитет. Во МЗТ Скопје доаѓа од Италија, каде што изминативе четири сезони настапуваше за тимот на Јуви од Кремона.
Петков, пак, доаѓа од таборот на Феникс, каде што изминативе две сезони имаше голема прволигашка минутажа, која максимално ја искористи, а претходно една сезона беше дел од Вардар. И тој настапуваше за сите македонски младински репрезентации, а летово е на поширокиот список на селекторот на сениорите, Александар Јончевски, за претквалификациите за ЛОИ 2024 во Париз.
Нивниот ангажман е потврда на заложбите на управата на клубот за подмладување со проверени млади кошаркари, кои веќе покажале доволен квалитет за настап на највисоко ниво, но кои уште повеќе може да се надградуваат и да напредуваат.