Бесарт Кривањева е еден од клучните играчи во тимот на Струга ТЛ. Со својата борбеност и квалитет во дефанзивата тој дава сигурност на своите соиграчи. Секако дека и утре на реваншот во Подгорица ќе биде еден од оние од кои тренерот на нашиот тим Шпетим Дуро ќе бара најмногу.
“Атмосферата во тимот е одлична, од синоќа сме овде во Подгорица и сите сме нестрпливи да почне мечот и да го искажеме сиот наш потенцијал и квалитет. Ова ќе биде еден од најважните натпревари во историјата на клубот. Сакаме Струга ТЛ по првпат да мине едно коло во Европа“ вели Кривањева.
За тоа дали и како ќе се бранат тие 1:0 од Охрид од првиот меч, тој е дециден:
“Ние како Струга ТЛ предводени од тренерот Дуро секаде одиме да играме напаѓачки, тоа е нашиот стил на игра. Така ќе биде и утре против Будуќност. Ќе играме офанзивно и на гол повеќе. Тоа е најдоброто оружје како да се бранат тие 1:0 од првиот меч, само со агресивна и напаѓачка игра, само така, никако поинаку. За утрешниот реванш сме максимално подготвени, решени сме да го дадеме максимумот па и повеќе од тоа, се со една цел, да извлечеме резултат кој ќе не носи во 3.квалификациско коло во Лигата на Конференции“ рече покрај другото Кривањева.