Војдан и Нено и се приклучија на репрезентацијата

131

На тренингот на македонската кошаркарска репрезентација во салата на СРЦ „Кале“ во Скопје денеска се приклучија капитенот, Војдан Стојановски, како и повратникот помеѓу „црвено-жолтите“, нашиот најдобар кошаркар Ненад Димитријевиќ.

Нашиот национален тим работи напорно веќе една недела, а од денеска е сериозно засилен. Стојановски и Димитријевиќ секако дека се голем плус како за подготовките, а уште повеќе за самите квалификациски дуели кои следуваат.

Сепак, за да не биде се баш идеално, барем во овој момент, е информацијата која вели дека на повреда на ногата се пожалил Виктор Ефремоски. Поради неизвесноста која со себе го носи овој нов момент, селекторот Јончевски се одлучи во работата со националниот тим да го приклучи Марко Миловановиќ, дел од генерацијата на играчи родени 2002 година, во која е и Андреј Андоноски, кој е исто присутен на подготовките за турнирот во Талин.

Но Миловановиќ и Андоноски не се и единствените од таа „млада гарда“, ако се земе в предвид дека првиот дел од подготовките ги одработува и Петар Бошалески, член на селекцијата „Под 20“ години која пред неполн месец се избори за второто место, и пласман во „А“ Дивизијата на првенството одржано во Скопје.

Освен тоа, во тренажен процес одново е и Теодор Симиќ, кој ги надмина здравствените проблеми, па во овој момент Јончевски и неговите асистенти Василев и Велев, сметаат на вкупно 11. кошаркари, кои и, многу извесно, ќе го пополнат и ростерот за натпреварите во Талин, каде за противници ги имаме репрезентациите на Чешка, Израел и Естонија.

 

ПретходноНишто ново, Ферланд Менди повторно се повреди
СледноОфицијално: Фиорентина на местото на Јувентус во Конференциската лига