Сино-белиот дрес следната сезона МЗТ Скопје го комплетира со бековскиот тандем од САД, кој ќе го сочинуваат Седрик Расел (24 год, 188 см) и Ејасу Ворку (24 год, 188 см). Двајцата се талентирани кошаркари, со европско искуство.
Расел зад себе има пет одлични години во елитната дивизија од НЦАА-лигата, од кои четири во дресот на Луизијана универзитетот, во кои во последната сезона имаше просек од 17 поени. Минатата сезона го имаше првиот настап во европската кошарка и тоа во дресот на српскиот прволигаш Тамиш, каде што просечно реализираше 16,2 поени со 2,4 скока и 2,3 асистенции.
Ворку, пак, е добро познат на македонската кошаркарска јавност со оглед што предминатата сезона настапуваше за Гостивар со просек од 16,8 поени, 5,1 скока и 7,2 асистенции.
Европската авантура ја почна пред три години во хрватскиот тим Забок, за потоа да направи трансфер во Задар, каде што остави повеќе од солиден впечаток.
Тимот вчера се засили со српско-хрватскиот центарски тандем, Душан Танасковиќ и Марко Баковиќ, ден претходно ростерот го освеживме со талентираните Марин Петков и Марко Миловановиќ, додека договорна обврска од претходно имаа браќата Дамјан и Војдан Стојановски и Андреј Андоноски. Тренер на МЗТ Скопје и во следната сезона ќе биде Васко Атанасов.