Нов македонски рекорд во скок во далечина за Андреас Трајковски

216

Одличен викенд за Андреас Трајковски на атлетските митинзи во Германија. Најпрво во саботата во Штутгарт победи со скок од 7,67 метри, додека пак во неделата во Инеринген Хетинген прескокна 7,91 метри (+1,9 м/с) што претставува негов најдобар скок во кариерата, а воедно и нов македонски рекорд. Претходниот најдобар скок од 7,79 метри беше во сопственост на Андреас кој го постави на 24 мај оваа година.

Андреас имаше одлична серија на скокови, натпреварувањето го започна со 7,71 метри, во втората серија имаме неуспешен обид, додека во третата и четвртата серија следуваа скокови од 7,81 и 7,86 метри. Во петтата серија имаше скок од 7,53 метри и во последната серија прескокна 7,91 метри. На ова натпреварување Андреас дури три пати го собори досегашниот национален рекорд.

Овој резултат на Андреас му донесе 1118 бодови според табелата на Светска атлетика и ќе му придонесе за нов скок на Светската и Европската ранг листа. Во овој момент, Андреас е 22-ри на Европската ранг листа и 70-ти на Светската ранг листа во дисциплината скок во далечина.

“Многу сум среќен, немам зборови. Тренирав навистина напорно оваа сезона и мојата напорна работа се исплатеше. 7,91 метри е одличен резултат, иако тоа не беше совршен скок. Да имав совршен скок и добар одраз од даската за скокање ќе беше над 8 метри. Нормата за учество на Европското првенство во атлетика е 8 метри и наскоро треба да ми биде на дофат! Верувам во себе и со напорна работа ќе се оствари“, изјави Андреас Трајковски после натпреварот во Хетинген.

Одличните настапи ни покажуваат дека Андреас се наоѓа во одлична форма и се надеваме дека ќе успее да се квалификува на Европското првенство во атлетика кое ќе се одржи во Рим следната година.

ПретходноСтојановиќ: На овие деца не смееме да им ставаме голем товар!
СледноДи Мариа ја отвори душата, низ солзи зборуваше за „пеколните“ денови (ВИДЕО)