Димитријевиќ: Наша крајна цел секако е турнирот во Полска

132

Ненад Димитријевиќ повторно е дел од репрезентативниот табор.Нашиот најдобар кошаркар ќе биде водачот на нашиот национален тим на квалификациските турнири летово, првично на оној во Талин, Естонија.

Уште на првите тренинзи играчот на рускиот Уникс, покажува дека максимално е подготвен да одговори на следните репрезентативни обврски.

Оние кои од 12. до 15. август ќе се играат во Талин, а се надеваме дека ќе ги продолжиме и од 16. до 20. август, во Гљивице.

Репрезентативниот бек е запознат со квалитетите на противниците на турнирот во Естонија, макар што во овој момент се непознати играчките ростери на домаќинот, но и на Чешка и Израел.

„Ги знаеме нивните квалитети, знаеме дека ќе играме против сериозни репрезентации. Со Естонија игравме во квалификациите за Европското првенство пред две години. Тоа е силна репрезентација, а ние се спремаме најдобро што можеме. Да пробаме да преминеме во следната рунда од натпреварите“.

Македонија во овој олимписки претквалификациски циклус, има ростер од искусни но и млади играчи. Може ли да го издржат притисокот на играње на турнирски систем, и дали двете „контроли“ со Полска во Белград овој викенд, се доволни за максимална подготовка?

„Натпреварите со Полска се предвидени токму за тоа, да се подготвиме за тоа што следува, за турнирот во Талин. И се надевам дека ќе бидеме подготвени за оној прв натпревар таму во Естонија“.

Може ли Македонија да стигне и до турнирот во Полска?

„Целта е да запишеме две победи и да одиме во Полска. За тоа и се подготвуваме. Но ќе одиме од натпревар до натпревар. Мислам дека така е најпаметно да гледаме на работите. Потоа ќе се сконцентрираме на она што следува“– смета нашиот организатор на играта.

ПретходноШверцери: Бугарските кукавици ни забранија гостување во Софија, затоа денеска од 19:00 сите на трибина
СледноСилекс донесе стопер од Србија