Ламине Диак (22) од Сенегал ова лето направи трансфер во Нант, во еден од најголемите клубови во Лига 1. Нишо чудно и ништо посебно интересно за нас, од Турција да се преселиш во Франција и тоа за 2 милиони евра.
Но…
Е, тој Ламине Диак е некогашен фудбалер на Шкупи. Играчот за врска од Сенегал во тие години, од 2019 до 2021 веднаш стана еден од најдобрите во таборот на чаирчани. Одигра нешто повеќе од 50 натпревари за првиот тим и јасно беше дека следува трансфер. И така и беше, од Чаир во Тузсласпор, потоа Фенербахче па Анкарагучу од каде се сели во Франција, во Лига 1, во Нант.
Интересно тоа што во последните неколку сезони, откако Шкупи и дефинитивно се врати во врвот на мак – фудбалот, овој клуб и тоа како знае да ги “погоди“странците.
Само да се потсетиме на Дембо Дарбо, Сержињо кој направи сензационален трансфер во Васко де Гама, секако Фреди Алварез, Сандеј Адетунџи, сега Реналдо Цефас. Ова се играчи кои и тоа како придонесоа Шкупи да стане еден од најдобрите клубови во Македонија.
Ламине Диак, некогаш играше на Маџари против Силекс, како што покажува фотографијата, а сега ќе игра против ПСЖ и Нејмар.
И затоа во фудбалот чудата се случуваат…