Лина Ѓорческа успеа да ја мине првата пречка на фјучрс турнирот во германскиот град Хешинген. Таа беше подобра од Тена Лукас од Хрватска со 2-1 во сетови (46 63 62) за 2 часа игра. Ова беше трета победа во меѓусебните дуели со Лукас во исто толку мечеви и трета со истиот резултат 2:1 во сетови.
Првиот сет и припадна на хрватската тенисерка која направи два брејка и поведе со 4:1 во гемови, а нашата тенисерка ја врати неизвесноста и изедначи на 4:4. Но, повторно Лукас направи брејк во деветтиот гем откако Ѓорческа имаше три двојни сервис грешки. Во вториот сет до 3:3 беше изедначено, а во осмиот гем Ѓорческа направи брејк за 5:3 и сетот го доби со 6:3. Во решавачкиот сет се водеше голема борба и по 3:2 во гемови за Ѓорческа, на сервис на македонската тенисерка во шестиот гем беа одиграни беа одиграни 22 поена. Првата брејк топка Ѓорческа ја спаси со ас сервис, а потоа спаси уште четири брејк топки и ја реализираше четвртата гем топка по која поведе со 4:2. Овој гем се покажа како решавачки бидејќи ги доби нашата тенисерка и сетот заврши со 6:2.
Во текот на мечот Ѓорческа имаше 5 аса, а Лукас ниту еден. Нашата тенисерка имаше 15 двојни сервис грешки, а хрватската тенисерка 11. Решавачки сепак брејк топките: Ѓорческа имаше реализација од 78% (7/9) за разлика од Лукас која имаше 38% (5/13).
На овој турнир што се игра за награден фонд од 60.000 долари Ѓорческа со Алена Фомина-Клоц ќе настапи и во конкуренција на двојки и ќе играат против Мариана Дражиќ (Хрватска) и Анита Вагнер (БиХ).