Македонската кадетска репрезентација со пораз го отвори Светското првенство. Избраниците на Раде Стојановиќ одиграа одличен меч, но за жал не успеаја да ја изненадат Норвешка која славеше со 27-25 (11-9). Мечот влезе во драматичен финиш со среќен крај за противникот.
Норвешка која беше голем фаворит на оваа средба ја немаше очекуваната комоција. Во првото полувреме, противникот поведе со 3-1, Македонија успеа да израмни еднаш 3-3. Нешто подоцна со два гола во низа, Норвешка поведе со 9-6, но нашите момци успеаја да се вратат на мечот, со 3-0 серија дојдоа на 10-9, не искористија напад за изедначување, па следеше казна за 11-9 на одморот.
Калајџиески намали на 11-10 на стартот на второто полувреме, но норвешките ракометари имаа брз одговор. Ги казнија сите грешки на „црвено-жолтите“, вратија со пет гола во низа и ја запишаа највисоката предност до овој дел од мечот од пет разлика (16-10) во 36. минута, во меѓувреме не помогна ниту тајм-аутот на Стојановиќ, кој пак заработи и суспензија.
Нашите момци не се демотивираа, напротив се издигнаа. Брестовац со три одбрани на момент го сопре налетот на противникот, а Македонија со четири гола по ред намали на 16-14 во 39. минута. Оваа негатива нашата репрезентација ја имаше до средината на второто полувреме кога Норвешка повторно ги казни грешките на нашите ракометари и набрзина поведе 21-16.
Во последните осум минути, Македонија остана без Стојановиќ кој доби црвен картон и мораше мечот да го проследи од трибините.
Галевски имаше добри минути на голот на нашата репрезентација, истите не беа веднаш искористени. Нешто подоцна нашите момци се разиграа, Митев, Ристески, Белистојаноски и Димевски успеаја да приредат драма и да намалат на 25-24 на една минута до крајот. По тајм-аутот, Норвешка зголеми на 26-24, Димевски намали на 26-25, но времето беше сојузник на противникот, кој реализираше во финишот за конечни 27-25. Пред истекот на времето и Бранислав Ангеловски беше испратен на трибините.
Кајалџиески со седум гола од девет обиди беше прв стрелец, Митев и Стојаноски имаа по три погодоци.
По еден ден пауза, Македонија ќе ги одмери силите со Црна Гора, шанса за прва победа на Мундијалот.