Време е за вистинското: Кадетите против Норвешка на стартот на мундијалската авантура!

153

Македонската кадетска ракометна репрезентација денеска го игра првиот меч на Светското првенство кое се одржува во Хрватска. Нашите момци се во групата Ф заедно со селекциите на Норвешка, Црна Гора и Грузија.

Првиот предизвик за Раде Стојановски и неговите избраници е Норвешка, дуелот е закажан со почеток во 17:30 часот. Станува збор за силен противник, кој на оваа средба влегува како фаворит, но тоа пак нема да ги демотивира нашите млади ракометари. Стручниот штаб се обиде да ги растерети од притисокот, бидејќи за голем дел од репрезентативците ова е прв настап на едно вакво големо натпреварување.

За македонската репрезентација ова е второ учество на еден Мундијал по 2019 година, кога токму нашата земја беше домаќин, а „црвено-жолтите“ го освоија 13 место.

Визата за овој шампионат, беше обезбедена лани на ЕХФ Шампионатот, кога Македонија го освои првото место.

Од ИХФ како клучни играчи ги издвоија Давид Брестовац (големан), Александар Петковски (десно крило) и Томислав Димковски (централен бек).

Според правилата, најдобрите две репрезентации од секоја група одат во главната рунда, додека пак последните две ќе играат Президент Куп.

Македонија мечевите од групната фаза ги игра во Ријека.

ПретходноХаос на трибините на дуелот меѓу Будуќност и Струга, причината е дрес!
СледноПознато е колку заработува Никола Јокиќ од своите коњи