Кадетите поразени од Норвешка во драматичен финиш

228

Македонската кадетска репрезентација со пораз го отвори Светското првенство. Избраниците на Раде Стојановиќ одиграа одличен меч, но за жал не успеаја да ја изненадат Норвешка која славеше со 27-25 (11-9). Мечот влезе во драматичен финиш со среќен крај за противникот.

Норвешка која беше голем фаворит на оваа средба ја немаше очекуваната комоција. Во првото полувреме, противникот поведе со 3-1, Македонија успеа да израмни еднаш 3-3. Нешто подоцна со два гола во низа, Норвешка поведе со 9-6, но нашите момци успеаја да се вратат на мечот, со 3-0 серија дојдоа на 10-9, не искористија напад за изедначување, па следеше казна за 11-9 на одморот.

Калајџиески намали на 11-10 на стартот на второто полувреме, но норвешките ракометари имаа брз одговор. Ги казнија сите грешки на „црвено-жолтите“, вратија со пет гола во низа и ја запишаа највисоката предност до овој дел од мечот од пет разлика (16-10) во 36. минута, во меѓувреме не помогна ниту тајм-аутот на Стојановиќ, кој пак заработи и суспензија.

Нашите момци не се демотивираа, напротив се издигнаа. Брестовац со три одбрани на момент го сопре налетот на противникот, а Македонија со четири гола по ред намали на 16-14 во 39. минута. Оваа негатива нашата репрезентација ја имаше до средината на второто полувреме кога Норвешка повторно ги казни грешките на нашите ракометари и набрзина поведе 21-16.

Во последните осум минути, Македонија остана без Стојановиќ кој доби црвен картон и мораше мечот да го проследи од трибините.

Галевски имаше добри минути на голот на нашата репрезентација, истите не беа веднаш искористени. Нешто подоцна нашите момци се разиграа, Митев, Ристески,  Белистојаноски и Димевски успеаја да приредат драма и да намалат на 25-24 на една минута до крајот. По тајм-аутот, Норвешка зголеми на 26-24, Димевски намали на 26-25, но времето беше сојузник на противникот, кој реализираше во финишот за конечни 27-25. Пред истекот на времето и Бранислав Ангеловски беше испратен на трибините.

Кајалџиески со седум гола од девет обиди беше прв стрелец, Митев и Стојаноски имаа по три погодоци.

По еден ден пауза, Македонија ќе ги одмери силите со Црна Гора, шанса за прва победа на Мундијалот.

ПретходноТренерот на Левски: Се надевам дека нема да има инциденти!
СледноПоради семејни причини Арслан под итно заминал во Турција, се очекува утре сепак да го води Шкупи!