ФФМ постојано дава поттик за тренирање и грижа за младите фудбалери. Во неколку продолженија ќе ја претставиме Академијата на ФФМ за развој на елитни млади фудбалери, кои во иднина би можеле да бидат носители на играта во клубовите и национални селек
Академијата на Фудбалската федерација на Македонија оваа година ја прими својата деветта генерација ученици.
Две паралелки, генерацијата 2009. започнува со својата втора година во ФФМ академија и генерацијата фудбалери родени 2010. преку тестирања низ целата држава заслужија место во програмата на ФФМ за развој на младите фудбалери.
Фудбалската федерација на Македонија ја формираше својата академија во септември 2014. нудејќи можност за концентрација на талентот на едно место и целосно фокусирање на активностите кои се одвиваат во рамки на академијата. 35 млади фудбалери од генерацијата 1999/2000 ја сочинуваа првата паралелка од академијата на ФФМ.
Од тогаш, па се до денеска, ФФМ во соработка со УЕФА работи по развоен годишен план за младите фудбалери од академијата. Посебен стручен тим е одговорен за активностите и работата во фудбалерите за принципите на играта, техниката и тактиката, но исто така, на фудбалерите им се овозможени сите останати елементи потребни за нивниот развој почнувајќе од сместување, соодветна исхрана и нутриционистички план, здравствени и рехабилитациски услови, па се до реализирање на редовна едукативна програма. Елементи кои се од суштинско значење за развој на еден фудбалер.
Работата со младите категории во академијата на ФФМ е оценувана и под надзор на посебни комисии на УЕФА, што овозможува правилна насока за развојниот пат на фудбалерите.
Зоран Стратев – технички менаџер и координатор на млади национални селекции во ФФМ
„Со условите кои ги овозможуваме, со поддршката од УЕФА преку програмата за развој, сметам дека овие млади луѓе имаат неповторлива шанса да успеат во фудбалот. Правиме големи напори и обезбедуваме средства да го реализираме проектот на вистински начин и заеднички да се радуваме на новите играчи кои ќе ги создадеме во иднина“.
„Кога фудбалерите од различни клубови имаат можност од рана возраст заедно да тренираат, да ги запознаваат своите недостатоци и силни страни, да се развиваат, сето тоа е предуслов за понатамошно унифицирање и креирање на силен репрезентативен состав.Пријателството и меѓусебната доверба која ја стекнуваат младите играчи е веројатно најголемата добивка од овој тип проекти, се надевам дека и тие ја сфаќаат сериозноста на активностите“.
Во претстојната сезона 2023/2024 вкупно 54 деца од генерациите 2009. и 2010. се дел од ФФМ академијата.
Драган Начевски е главен тренер на генерацијата 2009. Фарук Јонуз е негов помошник, а тренер на голмани е Зоран Мицески. Ментор на генерацијата 2009. е Предраг Митковски.
Со генерацијата 2010. стручниот тим го сочинуваат Неџат Шабани (главен тренер), Горан Георѓиевски (помошен тренер), Никола Ѓорѓиев (тренер на голмани). Ментор на генерацијата е Виктор Павловски.
Двете генерации ќе бидат подготвувани од кондицискиот тренер Роберт Стојановски. Главен доктор на ФФМ Академијата е професор Ванчо Поп Петревски.
Досегашните анализи ја потврдуваат потребата од постоење и понатамошно вложување во ваков тип на проекти. Повеќето играчи кои се и биле дел од Академијата станале стандардни членови во репрезентациите на Македонија.
ФФМ ќе продолжи да работи напорно и посветено за доброто на македонскиот фудбал и создавање на нови лидери кои ќе бидат носители на националниот тим на Македонија во иднина. Со помош на УЕФА, ФФМ создаде академија со силна врска меѓу фудбалските школи и клубовите.
Продолжуваме во таа насока, тренерите и инструкторите да имаат експертска обука од УЕФА со цел да ги подигнат своите стандарди на работа, а за возврат мотивирано да ја применат во својата работа, а младите фудбалери да добиваат суштински совети и насоки не само од техничка гледна точка, туку и од аспект на образованието и менаџирањето на процесот.