Македонската кошаркарска репрезентација во сабота и во недела во Белград ќе одиграат пријателски мечеви со Полска, една од најдобрите европски селекции во моментов, четвртопласирана на последниот Европски шампионат.
Одлична можност за проверка на моменталната форма во која е нашиот сениорски состав:
„Нè очекуваат два пријателски натпревари против Полска која ја победи Словенија лани на ЕП, што значи дека ова ќе биде вистински испит пред тоа што ни следи. Одиме во изменет состав, спој на искусни и млади играчи и ќе видиме до кај сме со нашата моментална форма. Најбитно е да се покажеме во добро светло, без разлика на резултатот, и да се вратиме дома сите здрави“ – посакува еден од поискусните играчи, секако според „стажот“ во националниот тим, Андреј Магдевски.
Сениорите заминаа за Белград со еден играч помалку во ростерот. Поради болки во грбот, и превентива во Скопје, останува Љубомир Младеновски, што е доста сериозен хендикеп во пресрет на оној завршен дел од подготовките пред настапот на турнирот во Талин.
Согласно договореното, натпреварите помеѓу репрезентациите на Македонија и на Полска ќе се играат во спортскиот центар „Ранко Жеравица“во Белград.