Денеска со мечевите од 1.коло стартува новата сезона во ПМФЛ. За утре е закажано скопското дерби меѓу Работнички и Шкупи, а попладнево ќе биде најитересно во Струмица каде се среќаваат Брера Струмица и Вардар. Не дека ова е дерби, но сите со нетрпение очекуваме да го видиме на дело Вардар, тимот кој по две сезони во ВМФЛ ете се врати во елитата. Убаво е да те “носи“ бајката, убаво е фановите да го водат клубот, но денеска доаѓа на ред реалноста. Во секој случај Вардар си е Вардар. Од Брера Струмица порачуваат – секоја чест за Вардар, ама ние одиме на победа. Така и треба.
За првпат во нашата фудбалска историја, во исто време се играат два прволигашки мечеви во Охрид и Струга, покрај езерото.
Дебитантот Воска Спорт во Охрид ја дочекува “ранетата“ Шкендија, а во Струга, шампионот се среќава со Гостивар. Струга ТЛ е со европски мисли, но сега е време за домашни дуели.
Мечот Брегалница – Силекс треба да донесе голема борба, тоа се две екипи кои има што да кажат во ПМФЛ. Можеби “сините“ се во мала предност зошто играат на свој терен, под Исарот во Штип.
Во Кавадарци доаѓаат “лавовите“. Кога играат Тиквеш и Македонија ЃП секогаш е неизвесно, битка до последен здив. Ќе имаат кавадарчани што да видат денеска попладне на теренот на Градскиот стадион.
ДВОЈКИ ЗА 1.КОЛО – ДЕНЕСКА (17 Ч)
БРЕРА СТРУМИЦА – ВАРДАР
ВОСКА СПОРТ- ШКЕНДИЈА
СТРУГА ТЛ – ГОСТИВАР
ТИКВЕШ – МАКЕДОНИЈА ЃП
БРЕГАЛНИЦА – СИЛЕКС
РАБОТНИЧКИ – ШКУПИ (07.08.2023)