СП У-19: Кадетите со пораз од Данска ја стартуваа главната рунда

188

 

Во првиот меч од групата-3 во главната рунда на СП за ракометари до 19.години во Хрватска, Македонија во салата во Ријека беше поразена од Данска со 37:30 (18:12).

Македонија одигра борбено, посебно во последните неколку минути,кога дојдовме на само -3 разлика, но сепак на крајот Данска успеа да триумфира. Со што ја потврди фаворитската улога.

На стартот Македонија поведе со 1:0, но Данците веднаш израмнија и поведоа, и како што одминуваше времето ја “билдаа“ разликата во своја корист. Во 7.минута беше 3:6, на средината првиот дел беше 5:11, за да на пауза се замине со 12:18. Нашите надежи не можеа да и се спротивстават на побрзата и поинвентивна Данска, посебно во одбраната тешко ни одеше, а и во нападот тешко пробивавме.

Во продолжение од средбата, односно во првите 10 минути од второто полувреме добро се држевме, ако се смета само тој период ние бевме подобри со 6:5. Сепак Данска не дозволи да и се приближиме резултатски нешто повеќе.

Така беше се до 49.минута кога дојдовме на 29:25, само на -4 разлика. Во тие моменти нашите надежи се бореа максимално.Во 54.минута намаливме и на 31:28. Но Данците веднаш вратија со серија, за да на крајот резултатот беше 37:30.

Утре во вториот меч во групата – 3 во главната рунда, Македонија се среќава со Австрија. Мечот започнува од 17:30 часот.

ПретходноНаполи донесе стопер од Бразил
СледноРаботнички му одржа лекција на Шкупи (ВИДЕО)