За 6 години од Суперкупот до денеска: Од рајска Арена до најлош терен во Европа!

1651

Пишува: Зоран Ѓоршоски

На вчерашен ден пред шест години, на 8 август 2017 година, во Скопје, во Македонија се одржа најспектакуларниот спортски настан во нашата историја. Се одигра УЕФА Суперкупот меѓу Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед. Роналдо, Мурињо, Зидан, Перез, Фергусон, Чеферин…и уште многу, многу други фудбалски светски “фаци“ тој ден и таа вечер беа во Скопје, беа на теренот или во ложата на Националната Арена во Скопје, како и овие нашиве домашниве.

Тогаш Скопје и нашата Македонија беше центар на светот, и не само спортскиот. Тогаш ние бевме горди до небо, сите останати од Балканот ни завидуваа поради настанот, но и поради Арената која изгледаше буквално како од РАЈОТ. Преполни трибини со 33.000 гледачи и со стотина фудбалски “фаци“ од Европа и светот.

No description available.

И погледнете го теренот долу на фотографијата. Како изгледаше и во каква состојба беше на тој 8 август 2017 година кога играа Реал и Јунајтед.

А погледнете го горниот дел на фотографијата, како теренот изгледа денеска или деновиве. Ни се смеат сите. Речиси сите спортски портали од Европа деновиве пишуваат дека УЕФА забранила мечеви на ваков терен.

Ете како ние успеваме за само шест години да урнеме се што е убаво. Ај што не не бива за да изградиме нешто ново, туку и тоа што го имаме не знаеме да го чуваме.

Срамно, скандалозно…

И конечно мора веќе еднаш да се лоцира одговорноста. Кој е виновен? А не онака произволно да напаѓаме некого што не треба, а за тоа сме први. За се сме стручњаци, а за тоа што треба, за да се каже кој е одговорен, тогаш премолчуваме.

Уште еднаш погледнете кон фотографијата со која сите ние кои живееме во Македонија треба да се засрамиме, сите.

Од рајска Арена до најлош терен во Европа, и тоа за само 6 години од Суперкупот од денеска.

ПретходноВИДЕОЛОТАРИЈА КАСИНОС АВСТРИЈА СО ДОНАЦИЈА ОД 940 000 ДЕНАРИ, ПРИДОНЕСЕ ЗА МОДЕРНО, ИНКЛУЗИВНО ДЕТСКО ИГРАЛИШТЕ ВО ВАЛАНДОВО
СледноЛацио го претстави петтиот нов играч, тој доаѓа од Данска