Утре од 17 часот на тренинг центарот на ФФМ во Скопје, Струга ТЛ ќе го дочека Есперанж од Луксембург. Ова ќе биде прв дуел од двомечот во 3.квалификациско коло во Лигата на Конференции.
Во пресрет на мечот со тимот од Луксембург, денеска на прес конференцијата во Скопје, свое видување за тоа што може да се очекува, даде стратегот на нашиот шампион, Шпетим Дуро:
„Ова е петти натпревар во Европа за нас. Овој меч го чекаме со голем интерес. Ова е историска шанса за клубот да се пласираме во плеј офот.Мотивацијата е голема кај нас, посебно ако се знае дека сме релативно нова екипа. Секој меч во Европа е посебен мотив. На средбата со Гостивар бев нервозен затоа што не е лесно да се игра и дома и во Европа, одлично што победивме“ посочи Дуро.
За Радески има само пофални зборови.
“Со Радески соработувам по вторпат. Првиот пат бевме заедно во Шкендија кога имаше 22 години.Разговараме во четири очи доста летово и се гледа неговиот напредок. Инаку формација е иста која што и досега ја практикуваме. Со оглед на тоа дека таа даде резултати, нема потреба нешто да менуваме“
Тој посочи дека тимот од Луксембург е квалитетен.
“Ги анализиравме, квалитетни се играчите на Есперанж. Штом се шампиони не можат да бидат лоши. Според мене квалитетот е тука некаде со нашиот. Шансите за успех се подеднакви, може малку и спортската среќа да пресуди. Нема да потцениме, далеку од тоа. Не сме во ситуација да потценуваме. Владее добра атмосфера.
Секако дека посакуваме да сме дел од групната фаза. Тоа е тешко,но ќе се обидеме“ заврши стратегот на Струга ТЛ.