Одбојкарите победија на првата контрола против Израел во Кавадарци

419

Во меч кој траеше пет сета, македонската одбојкарска репрезентација со 3:2 (17:25, 22:25, 25:22, 25:19, 15:10) славеше против селекцијата на Израел во првиот од трите планирани пријателски средби кои момците на Миленкоски треба да ги одиграат за време на неколкудневниот престој во Кавадарци. Вечерва во салата „Јасмин“, Македонија на првата од двете планирани контроли со Израелците дојде до победа со пресврт, откако ги загубивме првите два сета, па со моќна игра во продолжението се изборивме за триумф.

Израелците ја искористија стартната опуштеност во нашите редови и успеаја да поведат до 2:0 освојувајќи ги првите два сета прилично убедливо (17:25, 22:25). Сепак, нашите момци возвратија со иста мера во следните два сета.

Третиот го добивме со идентични 25:22 со кои Израел поведе со 2:0, за во четвртиот сет да изгледаме прилично доминантно на паркетот во салата „Јасмин“ и со 25:19 да дојдеме до израмнување и петти решавачки сет.

Во тај-брејкот имавме континуирана предност која на промена на страните беше 8:5 за нас. Продолживме во ист ритам до крајот на најкусиот сет во мечот зголемувајќи ја предноста која дојде и до пет поени, за конечни 15:10 и победа.

Утре од 20 часот ќе имаме силен тест со репрезентацијата на Јапонија, учесник и на Ф8 турнирот од годинешната Светска лига на нации. В недела во Кавадарци ќе одиграме уште еден контролен меч со Израел (20 часот).

ПретходноКадетите ја победија Унгарија и ќе играат за 9 место на СП
СледноЛК: Манев и Адана го „смачкаа“ Осијек, победи и за Трпчевски и Атанасковски