Комисијата за натпревари во рамки на Фудбалската федерација на Македонија, денеска во хотел „Хилтон“ во Скопје го организираше редовниот семинар за делегати на мечевите од Прва и Втора МФЛ.
На семинарот се дискутираше за новата натпреварувачка сезона 2023/24, одговорностите и обврските на делегатите на самите натпревари, безбедноста и заштитата на интегритетот на натпреварите, како и промената на одредени точки во Пропозициите за Прва МФЛ, Втора МФЛ и Куп натпреварите, односно нивното дополнување.
Игор Франговски, претседател на Комисијата на натпреварување при ФФМ.
„ Делегатите на натпреварите се многу важен и суштински дел на Комисијата за натпревари при Фудбалската федерација на Македонија. Целта на овој работен семинар е подобрување на нивното целокупно знаење, односно фокус на одредени делови и сегменти на работата на службените лица што треба да се подобрат за подобра и мирна организација на натпреварот. Делегатите треба континуирано да напредуваат, да го подобруваат и усовршуваат своето знаење. Имаат голема одговорност пред, за време и после натпреварот. Мора да бидат целосно фокусирани, концентрирани и одговорни при извршувањето на своите обврски, а се со цел да може да се организира мечот на најдобар можен ред и без проблеми.”
На редовниот работен состанок, беше одржано предавање од страна на членот на судската комисија за едукација и анализа при Фудбалската федерација на Македонија, Марјан Кироски, со кое беа објаснети измените во правилата на фудбалската игра за новата сезона во македонскиот фудбал и усогласувањата со УЕФА критериумите при неспортско однесување на клупата за резервни фудбалери.