Јован Манев за „Спортспорт“: Клајверт е легенда, Адана живее за клубот, а јас не може да сум на подобро место

858

Синоќа тимот на Адана Демирспор на свој терен во рамките од квалификациите за Конференциската лига го демолираше хрватски Осијек со 5:1. Дел од оваа фантастична изведба на турскиот тим секако беше и нашиот интернационалец и репрезентативец, Јован Манев кој веќе е стандарден во последната линија на тимот и е незаменлив во составот на тренерската Легенда Патрик Клајверт.

Спортмедиа денеска е на линија со Јован Манев кој од прва така што се вели ни ги пренесува импресиите од синоќешниот дуел и воопшто од стартот на сезоната во Адана.

„Ма како може да се чувствувам… супер. Кој не би посакал вакво нешто. Полн стадион, екстра меч, голема победа и отворен пат кон групната фаза од Конференциската лига. Искрен да бидам, не можам да замислам подобро место за мене во моментов од Адана. Чест ми и задоволство што сум дел од овој клуб. Прекрасна атмосфера, сериозен клуб, навивачи…“ –  го почнува разоговорот со нас Македонскиот репрезентативец, кого не може да не го прашаме околу неговиот тренер во моментов, светската фудбалска икона Патрик Клајверт.

„Легенда. Сериозен фудбалски авторитет од светски рамки. Фантастично е што имам можност да работам, да учам од него. Ете ја имам таа среќа во моментов да ја имам неговата доверба и да сум прва опција, но сезоната е долга. Јас ќе направам се за да биде тоа така и понатаму“ – ни вели Манев.

Турција е фудбалска нација, тука навивачите живеат за клубот

Не е лесно да се биде дел од еден Турски суперлигаш. Притисокот од јавноста и од навивачите во оваа земја е огромен, и често тоа знае да влијае врз игрите и резултатите.

„Турција живее за фудбал. Овде навивачите се фанатици, клубот им е светост. Адана е милионски град, имаме огромна поддршка, фудбалерите тука се вистински ѕвезди. Не може тоа да се опише мора да се доживее. Кога пристигнав тука навистина бев изненаден, фасциниран од тоа. Сега полека се навикнувам“ – вели младиот стопер па поентира.

Ма какво славење, во недела почнува првенството

„Нема славење. Веќе денеска е нов ден, се вртиме кон недела и стартот на шампионатот. Секој меч е огромна одговорност, се бараат резултати, победи, јавноста бара да сме секогаш на највисоко ниво. Се надевам и дека ќе возвратиме со добри игри, и јас и моите соиграчи. Голем дел од екипата е онаа старата од лани, и мислам дека имаме големи шанси повторно да направиме нешто големо сезонава“ – ни вели Манев.

 

 

ПретходноПОВЕЌЕ ОД 75 МИЛИОНИ ИСПЛАТИ ВИДЕОЛОТАРИЈА ВО ПРВАТА ПОЛОВИНА ОД 2023 ЗА ДОБИВКИ НА ИГРАЧИТЕ НА 2WIN.MK
СледноВ. Стојановски за претквалификациите: Вистински тест за сите нас и искуство за помладите