И вториот пријателски меч кој македонската машка одбојкарска репрезентација го одигра во Кавадарци заврши по пет одиграни сета. Вечерва во салата „Јасмин“, Македонија беше поразена од Б-тимот на Јапонија со 2:3 (23:25, 25:17, 32:30, 23:25, 13:15) во меч во кој избраниците на Јошко Миленкоски одиграа силно, но гостите за „влакно“ беа подобри.
Слично како и на вчерашниот меч со Израел, нашите одбојкари го загубија првиот сет, иако овој пат имаше вистинска неизвесност до последниот поен. Јапонците влегоа во финишот со +3, ние се обидувавме да се вратиме во игра во финишот, но гостите со втората сет-топка дојдоа до водство од 1:0.
Потоа следуваше комплетна наша доминација во вториот сет во кој на гостите им дозволивме само 17 поени. Во третиот сет почнавме добро и имавме предност од неколку поени на стартот, по што Јапонците успеаја да израмнат на 8:8 и до крајот на сетот да се игра, практично, поен за поен. Јапонија прва имаше сет-топка на 24:23, но се одбранивме и во една драматична борба сетот го решивме дури со освојување на 32. поен.
И четвртиот сет донесе голема неизвесност, иако Јапонија одржуваше константна предност од 1-2 поени, која на крајот се покажа и како одлучувачка за израмнување на 2:2.
Петтиот решавачки сет не беше ништо поразличен од комплетниот вечерашен дуел. Израмнета битка поен за поен, практично до самиот одлучувачки момент кој дојде со првата сет-топка за Јапонија на 13:14. Гостите ја искористија и успеаја да остварат победа.
Утре Б-тимот на Јапонија ќе одигра тест-меч со Израел, а в недела ние ќе одиграме и втор контролен меч со Израелците.