Фудбалерите на Арсенал со победа ја започнаа новата сезона во Премиер лигата, откако на домашен терен славеа над Нотингем Форест со 2:1.
Почетокот на натпреварот доцнеше половина час, поради проблеми со електронските билети, па илјадници навивачи останаа пред стадионот.
Арсенал уште од самиот почеток ја презеде иницијативата и напаѓаше, но првата голема шанса ја имаше Нотингем. Џонсон се најде сам пред голманот на домашните Рамсдејл, но шутираше лошо и пропушти голема шанса за водство на „шумарите“.
Водечкиот гол Арсебал го постигна на асистенција на Мартинели во 26. минута, кога мајсторски ја протна топката до Нкетиа, кој шутираше во средината за 1:0.
Најубавиот момент на теренот го видовме во 32. минута, кога Салиба му додаде на Сака, кој од над 20 метри ја погоди мрежата на гостите за 2:0.
Во 82. минута по еден контранапад Еланга го пронајде Авониј, кој погоди за 2:1 и внесе неизвесност на мечот.
До крајот немаше промена на резултатот, а Арсенал успеа да тргне со три бода во новата сезона.