Костиќ за трансферот во Рибница: Одлична можност да играм и тренирам на повисоко ниво

185

Младиот македонски одбојкарски репрезентативец Лука Костиќ во новата сезона ќе го носи дресот на српскиот прволигаш Рибница од Краљево. Клубот оваа недела го потврди трансферот на нашиот примач, кој ќе им се приклучи на новите соиграчи по репрезентативните обврски со Македонија.

„Со Рибница склучив договор на една година и се најдевам дека ова ќе биде клуб во кој ќе можам играчки да напредувам. Ова е одлична можност за мене да се натпреварувам и да тренирам на повисоко ниво. Во Србија очекувам да стекнам поголемо искуство, затоа што клубот минатата сезона беше меѓу најдобрите четири екипи во првенството, а оваа сезона се надевам дека ќе нападнеме и на некоја од погорните позиции“, вели Костиќ за трансферот во новиот клуб.

Тој минатата сезона го носеше дресот на велешки Борец, а во моментов е дел од селекцијата на Македонија која се подготвува за настапот на следното Европско првенство.

„Очекувам добра соработка со новите соиграчи и стручниот штаб во Рибница. Секако заеднички ќе ги постигнеме зацртаните цели. Заминувам за Краљево по завршувањето на репрезентативните обврски. Во моментов фокусиран сум на нашата репрезентација и сето она што не очекува на Европското првенство“, дополнува нашиот млад одбојкар.

ПретходноГранде Пандев доби подарок дрес на Вардар
СледноРобин Госенс се сели во Унион Берлин