Убедлив пораз во три сета претрпеа нашите одбојкари во последниот контролен натпревар одигран вечерва во салата „Јасмин“ во Кавадарци. Избраниците на селекторот Јошко Миленкоски по првите два квалитетни дуели со Израел и Јапонија кои ги одигравме со по пет сета, денеска одиграа слаб меч со Израел и загубија со максимални 3:0 (25:15, 25:23, 25:22).
Израелците беа далеку порасположени за игра уште од првиот сет кој го добија многу брзо и едноставно. Ние заигравме многу подобро во вториот сет, но не успеавме да го свртиме мечот, откако гостите ја искористија уште првата сет-топка и се изборија за убедливи 2:0.
Во третиот сет имавме предност се до средината, кога повторно имавме несфатлив пад во играта, што Израел го искористи и на крајот го претвори во убедлив триумф.
Очигледно овој дуел со Израел Миленкоски и неговите соработници треба добро да го анализираат пред продолжението од подготовките за престојното ЕП во Скопје.