Екипата на Нирнберг се пласира во следната рунда на германскиот Куп по синоќешниот триумф над Обернеленд со 9:1. На овој меч фантастичен настап имаше новата турска фудбалска надеж Џан Узун кој со 17 години и 274 дена постигна хет-трик, а имаше и една асистенција. Тој е најмладиот фудбалер кој реализирал три гола на еден меч во германскиот Куп заменувајќи го рекордот на некогашниот играч на Шалке, Олаф Тон кој постигнал хет-трик на 18 години и еден ден во 1984 година.
Со својот настап ја доби наградата МВП на мечот.
Уште повеќе, пред една недела Нирнберг одигра 2:2 против Хановер во 2.коло на втората Бундес лига, а Узун ги постигна двата гола.
Се работи за фудбалер кој е роден во Регензбург, а има турски корени. Не е класичен напаѓач туку офанзивен играч за врска. Дебитираше во финишот на минатата сезона, но се чини дека оваа ќе биде негова.
Со вакви настапи во брзо време ќе го привлече вниманието на големите клубови.