Големото дерби на стартот на новата сезона во Премиерлигата меѓу екипите на Челзи и Ливерпул заврши со поделба на бодовите (1:1). Ливерпул беше подобар ривал во првиот половина час од мечот, кога поведе и имаше шанса за уште поубедлива предност, додека Челзи доминираше во останатиот дел од полувремето и на стартот на вториот дел од средбата.
Во 17. минута Ливерпул поведе по фантастичното додавање на Салах од зад одбраната на Челзи, го пронајде Луис Диаз кој погоди за водство на гостите.
Ливерпул можеше да ја удвои предноста во 29. минута кога Арнолд одлично го проигра Салах, Египќанецот рутински погоди, но по консултација со ВАР голот беше поништен поради минимален офсајд.
По овој момент Челзи беше подобриот ривал во последните 15 минути од првото полувреме. Тоа му се исплатеше на тимот на Покетино, кој во 37. минута преку Аксел Дисаси успеа да израмни на 1:1. Само две минути подоцна Бен Чилвел им донесе пресврт на „сините“, но неговиот гол беше поништен поради офсајд.
Во вториот дел и двата тима имаа свои шанси, но гледачите на „Стемфорд Бриџ“ не видоа победнички гол.