Се уште лебди во воздух иднината на Благоја Милевски на фукцијата селектор на најдобрата фудбалска репрезентација на Македонија. По поразот дома од Украина (2:3), а пред се по дебаклот од Англија (7:0), гласно почна да се коментира дека ФФМ размислува да му врачи отказ на селекторот. Но минаа два месеци, а конкретни потези не се случија освен тоа што на претходниот состанок на УО на ФФМ е разговарано за смена на селекторот и негов „рапорт“ за случувањата во националниот тим.
Утре е денот кога Благоја Милевски во „четири очи“ ќе се соочи со членовите на УО на ФФМ и тоа по негова иницијатива. Тој претходно имал разговори со челниците на ФФМ, му било соопштено дека мнозинството од членовите на УО се за негова смена но Милевски инсистирал на средба сo истите да го искаже својот став.
Како нов проблем, а во пресрет на денот „Д“ се случи објавата на капитенот Стефан Ристовски кој вчера јавно најави поврекување од дресот со државниот грб а како главна причина за таквата одлука го посочи односот со селекторот кој извесно време не бил како треба.
ФФМ изминативе недели покрај проблемот со селекторот интензивно размислуваше и за тоа кој би бил неков налседник. Се појавија и две имиња од странство кои беа најсериозни кандидати и тоа Владан Милоевиќ од Србија и Миодраг „Гроф“ Божовиќ од Црна Гора (и двајцата екс тренери на Црвена Звезда).
Одредена група интензивно го форсира Гоце Седлоски како привремено решение но по тоа како стојат работите големи се шансите Благоја Милевски да го одработи договорот кој му истекува во октомври и со тоа ФФМ не би влегла во дополнителни трошоци за циклус кој веќе е загубен.
Сепак со одлуката да остане Благоја Милевски се жртвува капитенот Стефан Ристовски и се поставува прашањето кој ќе биде следен кој ќе оди по неговиот пат и ќе и каже збогум на репрезентацијата. Факт е дека со месеци не „цветаат рози“ во националниот тим чии што резултати се под посакуваното ниво.
Седницата на УО на ФФМ почнува утре од 13 часот во просториите на ФФМ.