Нема промени на селекторската функција на А репрезентацијата на Македонија. Благоја Милевски ќе го одработи својот мандат, поточно договор кој што завршува во ноември, и ќе биде селектор на Македонија во преостанатиот дел од квалификациите за следниот Европски шампионат.
Предмалку оваа одлука е донесена на седницата на Управниот одбор на ФФМ, кој што денеска заседаваше и на оваа тема покрај другото. Одлучено е засега дека Милевски ја има довербата од раководните структури на Федерацијата, и ќе го доврши како циклусот така и мандатот како селектор.
Јавноста премногу шпекулираше околу неговата смена, па оваа одлука на ФФМ доаѓа сосема спротивно од сето тоа. Се лицитираше со неговите наследници, а ете Милевски ја преживеа оваа „хаотична“ ситуација, во која и покрај притисокот за евентуална смена, од повеќе страни сепак, истата не се случи.
Ниту Седлоски, ниту пак Милојевиќ односно Божовиќ успеаа да се наметнат како решение, за нешто што ФФМ очигледно во моментов има доверба само на Милевски.
Без капитенот до крајот на квалификациите
Секако, ова значи дека дефинитивно на преостанатите мечеви од тековните квалификации, против Италија дома, Малта на гости, Украина на гости, Италија на гости и Англија на домашен терен ќе мора да одиграме без досегашниот капитен Стефан Ристовски. Тој во кратко обраќање до јавноста кажа дека се додека е селектор Благоја Милевски тој нема да биде дел од националниот тим.