По еден ден одмор, најдобрата македонска кошаркарска репрезентација денеска ќе го одигра последниот меч на претквалификацискиот турнир во Талин. Предводникот на нашиот национален тим, Александар Јончевски и неговите избраници зад себе имаат два убедливи порази, од Израел и Естонија, како и бледо издание на теренот.
Македонија во комбиниран состав, без најдобриот македонски кошаркар Ненад Димитријевиќ и големата надеж Андреј Јакимовски, но и со поддршката на Бојан Крстевски е скромна, под своите можности.
Шансата за поправање на впечатокот се вика Чешка. Но, и ова ќе биде тежок меч доколку не се подигне нивото и не се постави добра одбрана, и секако многу поорганизиран напад. Чешка се бори да стигне до местото кое води во следната рунда, па сигурно ќе влезе максимално мотивирана, нема да сака да ја пропушти шансата.
На Македонија не и останува ништо друго освен да покаже дека може подобро, дека знае повеќе, дека може повеќе…
Дуелот меѓу Македонија и Чешка е закажан во 15 часот.