Одбојкарската федерација на Македонија вчера ги претстави новите дресови со кои нашата одбојкарска репрезентација ќе настапи на претстојното Европско првенство во Скопје, од 30 август до 6 септември.
Трите комплети дресови беа промовирани во Агенцијата за млади и спорт, а доаѓаат од досегашниот снабдувач со спортска опрема на нашата репрезентација, италијанската компанија за спортска опрема „Ереа“.
Првиот дрес ќе биде во традиционална црвена боја, вториот ќе биде жолт комплет, а третиот дрес ќе биде темен со жолто-црвени детали.
Во последниот дел од подготовките за претстојното ЕП, нашата одбојкарска репрезентација од петок до недела во Скопје ќе има можност да одигра уште три силни контролни натпревари против селекциите на Египет, Јапонија и Грција во рамките на 47. издание на Меморијалниот турнир „Бранко Хаџииљоски – Чајка“.