Дибиров: Сакав кариерата да ја завршам во Скопје! Ниту јас, ниту Вардар сакавме да се разделиме!

602

Тимур Дибиров е име кое со златни букви ќе биде запишано во историјата на РК Вардар. Во Скопје дојде 2013 година, остана цели девет години, неговите планови биле да ја заврши кариерата токму во „црвено-црниот“ дрес, но проблемите кои го надвасаа поранешниот македонски првак биле причина да се пресели во Загреб.

„Многу сум среќен што сум толку ценет во Вардар. Мојот план беше кариерата да ја завршам во Скопје. Ниту Вардар, ниту јас не сакавме да заминеме, но имаше проблеми, немаше можност да останам, па минатата година завршив во Загреб. Благодарен сум на Загреб што ми овозможи во 40-та година да играм во Лигата на шампионите и да ја добијам наградата за најдобро лево крило. Мислам дека го направив вистинскиот потег, се чувствувам добро во Загреб“, вели Дибиров за „Моцартспорт“. 

Тој беше еден од главните мотори во златните денови на Вардар, негова најдрага титула е во 2019 година, кога на македонскиот тим му даваа „нула“ шанси по вторпат да се искачи на европскиот трон.

„Сите велат дека првата титула е најценета, дека тоа чувство не може да се повтори, но таа 2019 година и таа втора круна европски шампион е незаборавна. Тоа беше бајка. Проблемот што го имавме во клубот, сето тоа го оставивме на страна. Не ја гледавме жиро сметката, одевме на тренинзи како 15-годишни деца, сакавме само да играме, да победиме. Тоа четвртфинале со ПИК Сегед ја сврте цела сезона. Сфативме дека се е можно во животот и спортот, дека нема пречки ако го дадеш својот максимум“, заврши Дибиров. 

ПретходноСтигна убава вест: Струга Трим Лум ќе го пречека БреидаБлик во Охрид
СледноЖоао Феликс оди на позајмица во Барселона