Кој е Бреидаблик? Тим со само двајца интернационалци, капитен пекар и најмодерен тренинг центар со 10 терени

2266

Македонскиот првак Струга ТЛ обезбеди пласман во последната рунда до групната фаза во УЕФА Конференциската лига. Синоќа во Луксембург, стружани беа поразени од домашниоТ Есперанж со 2:1, но поради победата од 3:1 на првиот меч во Скопје, закажаа двомеч со исландскиот шампион Бреидаблик на патот до историското постигнување. Прашањето е кој е Бреидаблик кој им стои на патот на нашите шампиони до групната фаза од третото по ранг европско клупско натпреварување?

Бреидаблик годинава европската одисеја ја почна малку порано од нашиот првак. Исланѓаните мораа да играат претквалификации во Лигата на шампионите за да се пробијат до 1. коло. За среќа почнаа на домашен терен како организатори на тој прелиминарен турнир, каде импресивно ја почнаа преставата во ЛШ со победа од 7:1 над Тре Пене од Сан Марино. Немаа милост ниту кон црногорски Будуќност, совладувајќи го со 5:0 и убедливо обезбедувајќи пласман во 1. коло од квалификациите, каде ги дочека ирскиот првак Шемрок Роверс, кого го победија двапати (1:0 и 2:1). Бајката во ЛШ им заврши во 2. коло кога налетаа на ФК Копенхаген (0:2, 3:6), па се преселија во Лигата на Европа каде следуваа уште две средби со Зрински и елиминација за да стигнат до овој двомеч со Струга ТЛ во плеј-офот од Конференциската лига.

Бреидаблик е од местото Копавогсволур. Има мал стадион со 1.709 седишта во град со околу 38.000 жители на само пет милји оддалечен од Рејкјавик. Стадионот е на рутата 40, главниот пат во Рејкјавик. Тој е мал, но спортскиот комплекс на Бреидаблик наликува на ренинг центар како оние кои ги имаат клубовите во Премиер лигата. Има огромен, модерен затворен терен, 10 отворени терени со целосна големина и атлетско игралиште во непосредна близина на осветлениот стадион кој има атлетска патека и подлога од вештачка трева.

Бреидаблик е мулти-спортска организација за мажи, жени и деца која опфаќа фудбал, кошарка, велосипедизам, атлетика, таеквондо, е-спортови и други спортови. Досега, фудбалскиот тим најголемиот успех го имаше со пласман во третото квалификациско коло од УЕФА Конференциската лига во секоја од изминатите две сезони, а за првпат сега исчекорува и кон плеј-офот.

„Игравме европски фудбал во последните три години и тоа е неверојатно искуство“, вели тренерот на Бреидаблик, Оскар Торвалдсон за последните три сезони од европското преставување на тимот. Интересно е што тимот на Торвалдсон е составен од играчи кои имаат „скратено работно време“. Репрезентацијата на Исланд е речиси целосно составена од играчи кои се активни во Англија, Италија, Данска или Холандија, но Бреидаблик е тим составен од искусни играчи кои се вратиле од странство или се млади кои имаат за цел да ги следат стапките на локалниот херој Ејдур Гудјонсен (поранешен играч на Челзи и Барселона). Во составот има само двајца интернационалци и тоа од Фарските Острови.

Капитенот на тимот Хоскулдур Гунлаугсон помина две години во Халмштад во Шведска пред да се врати во Бреидаблик во 2019 година. Денеска 28-годишниот играч од средниот ред освен што игра фудбал, работи и како сопственик на пекара во Рејкјавик. Сепак вели дека фудбалот му е приоритет.

„Мојата пекара ми е поголема обврска во текот на зимата, бидејќи сме специјализирани за божиќни колачи и тогаш сум позафатен. Сега можам да се фокусирам на фудбалот и така е се до октомври кога завршуваме со сезоната, па ги облекувам пекарските ракавици и влегувам во мојата пекара“, вели капитенот на Бреидаблик.

Клубот нема голема навивачка група. Обично на нивните натпревари доаѓаат децата од локалните училишта и прават врева со тапани и други навивачки реквизити. Цената на билетите за нивните европски натпревари годинава се движеше околу 15 евра. За нивни стандарди тоа веројатно е прилично евтино, ако се знае дека Исланд е една од најскапите земји на Стариот континент. Такси од аеродромот до центарот на Рејкјавик е околу 177 евра, а ноќевање во еден просечен хотел е околу 350 евра.

ПретходноЧелзи има голем проблем: Се повреди капитенот Џејмс, го очекува долга пауза
СледноПочнува Меморијалот „Чајка“: Одбојкарите вечерва против Јапонија