Екипата на Работнички на стартот на ПМФЛ шампионатот во три кола ќе игра две локални пресметки. По стартниот триумф над Шкупи, следуваше поразот од Силекс во Кратово, па сега, поточно утре со почеток од 17:00 часот на Борис Трајковски ќе се сретне со Македонија ЃП.
Добрата претстава против Шкупи, беше што се вели „поништена“ со онаа лошата во Кратово, па искусниот Влатко Стојановски смета дека Работнички сега има добра шанса да ги врати нештата на висинскиот колосек.
„Работнички сака да се врати на победнички колосек. Почнавме одлично, со победа над Шкупи, а потоа имавме лош ден и загубивме од Силекс во Кратово. Сега се надеваме дека повторно ќе им се вратиме на победите. Имаме максимален респект за составот на Македонија ЃП, тие се квалитетен тим, но ние веруваме во нашите квалитети. Ако одиграме како на дуелот против Шкупи на стартот, верувам дека ќе ги освоиме трите бода“, вели напаѓачот Влатко Стојановски.