„Чајка“: Драма со среќен крај и победа за Македонија, Грците запишаа прв успех

473

Македонската одбојкарска репрезентација ја оствари првата победа на 47. издание на Меморијалниот турнир „Бранко Хаџииљоски – Чајка“, откако вечерва во драматичен меч во пет сета со 3:2 (25-22, 22-25, 21-25, 25-23, 16-14) славеше над селекцијата на Египет.

За разлика од првиот анемичен меч со Б-тимот на Јапонија, македонската репрезентација денеска во СЦ „Борис Трајковски“ покажа многу подобра игра, која ветува пред стартот на Европското првенство во Скопје. Избраниците на Миленкоски тргнаа со одличен прв сет. Мотивираноста и покрај промените на блокерската позиција поради неиграњето на Маџунков не донесе дополнителни турбуленции, па со ефективна завршница поведовме со 1:0.

Египќаните брзо се консолидираа. Во вториот сет покажаа дека се исклучителна репрезентација со врвен квалитет. Успеаја да го неутралзираат нашиот сервис, а со одлична игра во поле се изборија за неколку важни поени кои им го донесоа сетот за 1:1.

Во третиот сет почнавме добро, но неколку несфатливи грешки и продадени топки не чинеа постојано „каскање“ зад гостинската селекција. Египет искусно тоа го казни и направи пресврт за водство од 2:1 во сетови.

Четвртиот беше еден од најдобрите сетови на овој турнир. Жестока битка до крајот, моќна партија на Никола Ѓорѓиев и успешна завршница уште со првата сет-топка која Љафтов ја претвори во израмнување на 2:2.

Финалниот петти сет донесе нова драма. Египет почна подобро и успеа да направи разлика од неколку поени. Ние успевавме по неколку паузи да се приближиме на поен разлика и да го внесеме сетот во драматична завршница. На предност на Египет од 13:12, гостите направија грешка во кревање на топка и ние дојдовме до 13:13. Веднаш потоа уште еден бравурозен блок на Љафтов за 14:13 и прва сет-меч топка, која не ја искористивме, но онаа втората на 15:14 по силниот сервис на Љафтов, Славе Наков со одличен блок ја претвори во поен за 16:14 и победа на Македонија.

За истакнување е настапот на младите блокери Лепидовски и Наков, кои добија шанса од Миленкоски и одлично ја искористија. Утре не чека завршниот меч со Грција, која денеска ја оствари првата победа.

Грците беа подобри од Јапонија со 3:1 (26-24, 25-18, 23-25, 25-23).

МЕМОРИЈАЛ „ЧАЈКА“
2 КОЛО
17.30 Грција – Јапонија 3:1 (26-24, 25-18, 23-25, 25-23)
20.15 МАКЕДОНИЈА – Египет 3:2 (25-22, 22-25, 21-25, 25-23, 16-14)
3. КОЛО – НЕДЕЛА:
17.30 Египет – Јапонија
20.15 МАКЕДОНИЈА – Грција
ПретходноБабунски ги “построи“ вардарци…Гачевски со порака пред утрешниот меч со Воска: Утре мора да победиме!(ФОТО)
СледноКаква драма во Атина: Домагој Вида во 90+10.минута го “расплака“ Динамо и го однесе АЕК во плеј – офот во ЛШ!