Навистина оваа Брера Струмица не се шегува. Попладнево во Струга, во последниот меч од 3.коло во ПМФЛ,струмичани славеа со 1:2.И со тоа дојдоа до третиот триумф во третиот меч во новата сезона. Крстевски и Врдољак беа стрелци кај гостите, додека Бесарт Ибраими стрелаше кај домашните кои овој меч го започнаа со речиси вториот состав ако се знае дека за три дена во Охрид, тимот на Струга ТЛ ќе го одигра првиот меч од пклеј – офот во ЛК против Бреидаблик од Исланд.
Првиот дел им припадна на гостите,кои го искористија фактот дека шампионот мечот го почна без најдобрите и делуваше полетно, разиграно и затоа заслужено имаше водство на пауза со 0:1 со голот на Ване Крстевски во 26.минута по една убава акција на струмичани. Гостите имаа уште две големи шанси, посебно онаа на Крстевски во 37.минута,имаше и Струга ТЛ преку Јаровиќ, но сепак првото полувреме заврши со резултат 0:1 за Брера Струмица. Да кажеме дека во овој дел од мечот домашните бараа во два наврати пенал, но не добија.
Кога виде дека треба нешто да се менува, тренерот на стружани Шпетим Дуро уште на почетокот од второто полувреме во игра ги внесе Ибраими, Шабани и Бојку. И тогаш тоа беше некоја друга Струга ТЛ на теренот. Агресивна, напаѓачки ориентирана, а Бесарт Ибрами во 53.минута успеа да израмни на 1:1. Ова за него беше прв гол во новата сезона или 187 во кариерата во ПМФЛ.
Две минути подоцна Бесарт може да донесе водство, но неговиот силен шут сепак беше одбранет од гостинскиот голман Алчевски.
Ако немаше гол за домашните, тогаш имаше на спротивната страна. Во 70.минута по изведениот корнер најубаво се снајде Врдољак и со шут со глава успеа да ја смести топката во мрежата на шампионот за 1:2.
Во 75.минута Ибрами одново се закани со шут од слободен удар, но Алчевски прекрасно одбрани.
И повторно Ибраими во 81.минута имаше зицер, но и сега Алчевски одбрани. Во финишот Струга ТЛ “притисна“барем да дојде до бод, но сепак не успеа во тоа.