Кошаркарскиот клуб Пелистер врти нов лист, со влегување на сериозен спонзор и партнерството што компанијата „Таск Форс“ го договори со општина Битола. „Пелистерци“ во последните две сезони ги надминаа очекувањата од резултатски аспект, стигнуваа до финалето во плејофот, но главна цел во прв момент ќе биде апсолутна стабилизација на клубот на организациски план. Новиот директор на КК Пелистер, Филип Ивановски, е свесен за предизвиците што ги носи столчето на кое седнува, но се чувствува подготвен за големиот предизвик.
„Чест ми е што доаѓам на раководна функција на клуб како Пелистер, тим што во последните две години беше вицешампион на Македонија. Јас како директор, компанијата што е главен спонзор и членовите на стручниот штаб знаеме кои чекори треба да бидат направени за клубот уште повеќе да напредува. Кога велам напредок, тука не мислам на резултатите, туку на сите останати аспекти околу начинот на функционирање. Немам намера да навлегувам во детали околу работата на моите претходници, едноставно вртиме нов лист и ќе го направиме Пелистер модерен кошаркарски колектив, клуб што ќе работи според европски стандарди“, вели Ивановски. Самиот Филип Ивановски долги години беше професионален спортист и успешен ракометар, искуство што ќе му биде од помош за поставување на нови темели на КК Пелистер. „Пелистер секако е успешен клуб, но на ова гледаме како на нов почеток, шанса да го издигнеме на едно уште повисоко ниво. Ги оставаме зад себе проблемите од минатото и влегуваме во приказна во која клубот ќе покаже апсолутна грижа за секој поединец во него. Играчите мора да се чувствуваат добро, да бидат задоволени нивните основни потреби и да размислуваат само за тренинзите и натпреварите. Истото се однесува и за стручниот штаб, кој мора да се насочи кон тренерскиот дел од работата, јас од моето време во ракометот добро знам што значеше да се биде дел од добро организиран клуб и какви се проблеми се случуваа ако имаше одредено незадоволство меѓу играчите. Затоа, како директор ќе се заложам тие да имаат беспрекорни услови за работа“, истакнува Ивановски.
Преземањето на клубот не беше нималку лесно, а се одрази и врз составувањето на играчкиот кадар.
„Во изминатите месеци се соочивме со неочекувани проблеми кои создадоа сериозни пречки и во играчкиот ростер. Така, подолго време имавме начелен договор со Стајиќ, но поради административните проблеми мораше да дојде до одложување на потписот, по што тој реши да замине во друг клуб и ние му посакуваме многу среќа. Од друга страна, благодарни сме му на Андреј Маслинко што покажа карактер, го препозна она што КК Пелистер го имаше како стил на игра минатата сезона, ја препозна нашата визија за иднината и реши да остане и да продолжи да ги брани боите на нашиот клуб. Во меѓувреме потпишавме и неколку одлични домашни кошаркари чии имиња во најскоро време ќе бидат обелоденети во јавноста. Нема сомнеж дека КК Пелистер повторно ќе има конкурентен тим, во моментов приоритет ни е организациско заздравување на клубот, но тоа не значи дека резултатски нема да бркаме висок пласман во новата сезона, во која повторно ќе го претставуваме мак-баскетот и во АБА2 лигата“, порачува Филип Ивановски