Македонија ќе има и свој судија на Евроволеј 2023, Ристовски ќе суди во Израел

235

Нашиот одбојкарски судија Влатко Ристовски ќе биде дел од судискиот колегиум кој ќе ги суди натпреварите на претстојното Европско првенство во машка конкуренција. Додека македонската репрезентација во Скопје ќе биде домаќин на групата „Ц“ од Евроволеј 2023 и ќе испише историја како организатор на една од групите на континенталното првенство, Ристовски ја доби довербата од ЦЕВ да биде дел од судиите кои ќе бидат делегирани да ги судат средбите од групата „Д“ во Тел Авив, Израел.

„Ова е второ Европско првенство за мене, по она во 2019 година во женска конкуренција. Сега за првпат ќе судам натпревари на машкото Европско првенство во рамките на групата во Израел. Тоа е голема задача за мене, воедно голема чест и обврска која ја добив како судија од Македонија“, вели Ристовски.

Ристовски ќе биде дел од судиските колегиуми кои непосредно пред стартот на натпреварите на ЕП 2023 ќе бидат делегирани да ги судат средбите во Тел Авив. Според планот, тој сигурно ќе добие неколку меча и како прв и како втор судија на средбите во групата „Д“ каде ќе играат репрезентациите на Израел, Турција, Грција, Франција, Португалија и Романија.

ПретходноПродолжува хаосот во Гостивар: Спахиу, Селмани, Билали и Мујезиновиќ не се веќе дел од тимот!
СледноШок на Островот: Ливерпул тргнува по Калвин Филипс од Сити!