Македонскиот одбојкарски шампион Струмица полека се обидува да го состави ростерот за новата сезона во која ги очекува уште едно големо европско искуство со настапот во првата фаза од натпреварите во ЦЕВ Лигата на шампионите. Струмичани од 27 до 29 октомври во Бургас (Бугарија) ќе учествуваат на еден од турнирите во првата фаза на најсилното клупско натпреварување каде против домашниот Нефтохимик, како и екипите на Фино Капошвар од Унгарија и Будва од Црна Гора ќе се борат за едно од местата кои водат во втората рунда.
Претседателот и капитен на тимот, Владо Милев, потврди дека во Струмица се враќа поранешиот одбојкар на тимот, Тунижанецот Хамди Бен Тале, кој минатата сезона ја помина во дресот на тетовска Шкендија. Бен Талеб ќе биде засилување за надворешната позиција, но во клубот работат и на ангажман на нов среден блокер и нов коректор.
Во моментов Струмица преговара со коректор од Унгарија, а исто така траат преговори и со дел од играчите од актуелниот тим, кои немаат договори за новата сезона. Најавите од Струмица велат дека тренерот Кире Ричлиев ќе го има на располагање и Деан Глобоцки од Канада, кој и минатата сезона го носеше дресот на шампионот.