Шаховската игра бара голема посветеност во поглед на совладувањето на теоријата во текот на годината, но затоа, пак, во текот на летото недостигот од турнири на домашен терен им овозможува на младите шахисти преку учества на натпреварувања во регионот да се усовршуваат и да ја подигнат својата играчка форма.
По настапите на државните првенства во јуни, а во пресрет на Европското младинско првенство во септември и на Светското младинско првенство во ноември, како и на Државното екипно првенство за јуниори, членовите на напредните групи од школата на ШК Алкалоид добија поддршка од клубот да настапуваат на турнири во странство за време на летниот распуст.
Теодор Јовановски прво настапи на 16. Интернационален турнир „Параќин Опен“, на кој учествуваа 300 играчи поделени во посебни А- и Б-натпреварувања, а потоа продолжи на „Србија опен“, на кој учествуваа 500 играчи кои играа на посебни турнири поделени според категории: Мастерс“, „Аматери“ и „Почетници“.
Во Белград му се приклучија и Матео Ефтовски и Леа Ефтовска, кои беа дел од турнирот во категорија „Предизвикувачи“ (просечен рејтинг 1.752), при што Матео беше најдобро пласираниот со 4,5 поени од 9 партии (делба од 15 до 26 место).
Стојан Велкоски учествуваше на 32. издание на Турнирот „Василис Теодорис“ во Кавала, Грција, на кој учествуваа повеќе од 350 шахисти, при што тој беше дел од А-турнирот, a просечниот рејтинг изнесуваше 2.176 поени. На истиот турнир играше и актуелната државна шампионка на Македонија, воедно и “прва табла” на женската репрезентација, ЖФМ Моника Стојковска. Двајцата успеаја да го подобрат личниот рејтинг, при што Велкоски освои 4, а Стојковска 3,5 поени од 9 партии.
На исклучително силниот турнир во Аранѓеловац Србија (просечен рејтинг 2.116) настапи Филип Михов, кој таму дојде на чекор од освојување на титулата ФИДЕ Мајстор, односно му недостигаа само четири рејтинг поени или едно реми за да ја комплетира мисијата, но промоцијата, сепак, ќе почека. Со него беше и Дино Табаковски, кој беше аутсајдер на овој силен турнир, но тој потоа учествуваше на отворениот турнир „Шумадинац“ во Крагујевац, каде што беше на делба на третото место од 24 учесници. На овој шаховски фестивал учествуваше и актуелниот шампион во категоријата до 14 години, Кирил Николовски, кој исто како и Табаковски го поправи својот рејтинг во стандарден шах, а освои и нови рејтинг-поени на турнирите во рапид и во блиц шах.
Михаил Јорданов, кој минатата година заврши со своите настапи на младинските првенства, а од оваа година е пријавен и во сениорскиот тим на ШК Алкалоид за претстојното Државно екипно првенство, учествуваше на „Летниот Oпен“ во Прага, Чешка, каде што освои нови рејтинг-поени. Тој потоа настапи и на турнирот во Оломоц, а на двете натпреварувања заедно со него учествуваше и претходно споменатиот Теодор Јовановски. Притоа, во Прага, меѓу 200 учесници, освојувајќи по 6 поени од 9 партии, тие беа на делба од 11. до 31. место, додека, пак, на вториот турнир Јовановски постигна голем успех пласирајќи се на делба од 3. до 5. место.
Стефан Мелник, по одличните настапи на Државното првенство за слепи и слабовидни лица, изигра прв контролен турнир во Пожаревац, каде што ја доби наградата за најдобар младинец со освоени 3,5 поени од 5 партии. Тој беше во групата на шахисти од 5. до 9. место, веднаш зад победничката група од четворица шахисти кои имаа 4 поени, а со тоа значително го подобри својот рејтинг.
Европското првенство за младинци оваа година ќе се одржи во Мамаја, Романија, во терминот од 5 до 14 септември, додека, пак, Светското првенство за играчи од 14 до 18 години е закажано од 13 до 24 ноември во Монтесилвано, Италија.