Фудбалскиот клуб Вулверхемптон ја одби првата понуда од Манчестер Сити, кој понуди 55.000.000 евра за играчот од средниот ред Матеус Нуњес, објавија денеска англиските медиуми.
Сити, актуелниот европски првак, се обидува да го засили средниот ред, откако Кевин де Брујн заработи повреда на тетивата, која најверојатно ќе го оддалечи четири месеци.
Клубот од Манчестер првично беше заинтересиран за Лукас Паке од Вест Хем, но Бразилецот беше под истрага од Фудбалската асоцијација на Англија (ФА) за прекршување на правилата за обложување.
Нуњес се пресели во Вулверхемптон минатото лето од Спортинг за клупска рекордна сума од 45 милиони евра.
Нуњес за овој клуб досега одигра 41 натпревар, а договорот му истекува летото 2027 година.