Пишува: З.Ѓоршоски
Во светот на фудбалот, посебно во Англија, Челзи под водството на Американецот Тод Боли е апострофиран како клуб кој покажува како не треба да се работи. За три преодни ртока потроши повеќе од 1 милијарда евра, смени неколку тренери за година и половина а резултати никакви. Како тргна оваа сезона по се изгледа дека и со Маурицио Покетино ќе биде само едно големо ништо.
Се разбира дека и Македонија, барем според бројот на купени играчи во еден преоден рок, има клуб кој наликува на Челзи, а тоа е Гостивар. Клуб кој купува нови играчи, засега ангажира дури 17, но се најавува уште, како да нема утре, а крајот на преодниот рок ќе биде дури на 6 септември. Значи има време барем за уште пет-шест, а ќе биде и тоа.
Интересно, дел од играчите кои ова лето пристигнаа во Гостивар мораа и да си одат. Навистина фрапантно. Денеска го промовираш на својот ФБ профил а веќе утре или задутре му велиш дека не ти треба.
Факт е дека во Гостивар се влезени многу пари за наши услови, па турската ѕвезда Алпер Потук сигурно нема да дојде овде за 2-3 илјади евра месечно, тој чини најмалку 300.000 евра годишно.
Да се разбереме, убаво е кога во мак -фудбалот се вложува, па ние тоа и едвај чекаме, убаво е да се ангажираат играчи како Потук, но има и Јапонци, играчи од Бурунди, Брегот на Слоновата Коска и слично.
И сето тоа тренерот Мурат Дабан треба да го “скоцка“, да го смести во еден тим. Ајде да видиме кога и колку ќе успее.
А еве ги сите оние кои, барем засега, ова лето беа промовирани на официјалниот ФБ профил на Гостивар:
Тоа се Гоба Закпа (БСК), Јаник Нкурунзиза (Бурунди), Мухамед Елмас (Работнички), Масааки Такахара (Јапонија), Ремзифаик Селмани (Партизани Тирана), Алпер Потук (Турција), Ибрахим Алхасан Адаму (Нигерија), Амир Билали (Сутјеска Никшиќ), Васко Василев (Рио Аве), Фатјон Јусуфи (Струга ТЛ), Михаил Маневски (Шкендија), Едиз Спахиу (Тиквеш), Анид Абази (Скопје), Џелил Абдула (Шкупи), Зехрудин Мехмедовиќ (Србија), Мустафа Мујезиновиќ (БиХ), Пепи Ѓорѓиев (Шкупи).