Новиот Вардар 1961 по чудо против „лавовите“ од Манхајм

594

Екипата на Вардар 1961 по една година пауза се враќа на европската сцена, но во еден поинаков поредок и секако поинаков состав. Поранешниот двократен освојувач на Лигата на шампиони ќе мора да се избори за место во Европската лига, а на патот му стои тимот на Рајн Некар.

„Црвено-црните“ минатата сезона ја завршија на третото место во домашниот шампионат, па се најдоа во друштвото на тимови кои мора да играат едно квалификациско коло ЕЛ. Ждрепката не ги посака, ќе мора да се борат против „лавовите“ од Манхајм, првата средба е закажана за денеска (19 часот) во СЦ „Јане Сандански“.

Ако лани знаевме горе-доле како ќе изгледа Вардар 1961, овој пат (иако играа пријателски мечеви) појасна слика ќе имаме денеска против РНЛ. Составот претрпе драстични промени, заминаа голем број звучни искусни имиња, останаа младите сили, кои се засилени со нови млади сили од странство.

Единствен кој во моментов има најголемо искуство тоа е Гоце Георгиевски.

„Вардар сигурно ќе беше фаворит доколку ждрепката ни донесеше било кој друг тим, но сега ситуацијата е поинаква. Притисокот тогаш ќе беше врз нас и нашите ракометари, а сега тој е кај противникот, кој е голем фаворит. Имаме среќа да играме со одлична екипа, поради што моите момци ќе имаат можност да уживаат и да учат. Не е тајна дека се подготвуваме и дека ќе пробаме да ги изненадиме“, изјави Владо Недановски, кој во стручниот штаб од оваа сезона го има Стојанче Стоилов. 

ПретходноПоп-Арсова не ја заврши трката, Шанкуле победник на женскиот маратон
СледноГостивар донесе Нигериец како ново засилување во нападот