Почнува последниот Грен Слем: Ѓоковиќ го напаѓа 24. трофеј, Алкараз го брани тронот

794

Попладнево на тениските терени на Флешинг Медоус во Њујорк започнува последниот Грен слем турнир во сезоната, популарниот УС Опен. Организаторите и годинава се потрудија да направат тениски спектакл обезбедувајќи награден фонд од 65 милиони долари. Победниците во сингл во машка и женска конкуренција ќе добијат по три милиони долари, додека поразените во финалето ќе добијат по 1,5 милиони долари.

Во фокусот несомнено ќе биде најдобриот српски тенисер Новак Ѓоковиќ кој ќе се обиде да го освои 24. Грен слем трофеј во кариерата.

Ѓоковиќ по 17-ти пат во кариерата ќе учествува на УС Опен, откако го освои турнирот трипати досега –  во 2011, 2015 и 2018 година. Српскиот тенисер во вторник од три часот по полноќ ќе игра против Александар Милер од Франција во првото коло на турнирот.

Инаку, титулата во машка конкуренција ја брани Шпанецот Карлос Алкараз, кој лани во финалето го совлада Каспер Руд со 6:4, 2:6, 7:6 (7:1), 6:3. Трофејот на УС Опен во женска конкуренција ќе го брани најдобрата светска тенисерка од Полска, Ига Швјонтек, која лани во финалето ја совлада Онс Жабер од Тунис со 6:2, 7:6 (7:5).

Четвртиот Грен слем турнир во сезоната има традиција долга 142 години. Првиот УС Опен беше одигран во 1881 година.

ПретходноОФИЦИЈАЛНО: Манчини за 20 милиони евра годишно стана селектор на С. Арабија
СледноАлкалоид подобар од Сесвете на третиот тест-меч во Хрватска