Стартува Евроволеј 2023: Македонија во среда против Данска почнува на историското Европско!

305

Со натпреварот меѓу Италија и Белгија, вечерва во 21 часот започнува 33. Европско одбојкарско првенство во машка конкуренција. Оваа година, Македонија ја има честа да биде еден од четирите ко-организатори на настанот, со тоа што една од четирите групи од првата фаза на првенството ќе се одигра во Скопје, поточно во СЦ „Борис Трајковски“.

По третпат собирот на најдобрите европски одбојкарски селекции во машка конкуренциа ќе се одржи во четири земји: Италија, Бугарија, Македонија и Израел. Македонија за првпат доби организација на ваков голем сениорски настап, но и голема шанса оваа генерација одбојкари да покаже дека не случајно веќе третпат едноподруго е дел од собирот на најдобрите континентални репрезентации.

Денешниот прв меч на првенството, еден од домаќините, Италија, ќе го одигра пред своја публика во Болоња, градот кој само денеска ќе биде домаќин на меч на овој Евроволеј 2023. Во продолжение, мечевите од групата „А“ во која е Италија заедно со Белгија, Естонија, Германија, Србија и Швајцарија ќе се играат во уште два други градови: Перуџа и Анкона.

Мечевите од групата „Б“ во која се најдоа Бугарија, Хрватска, Финска,  Словенија, Шпанија и Украина ќе се играат во бугарскиот град Варна, која патем ќе биде домаќин и на мечеви од осминафиналето и четврфиналето, додека групата „Ц“ во која е нашата репрезентација, заедно со Данска, Црна Гора, Чешка, Холандија и Полска комплетно ќе се одигра во Скопје.

Групата „Д“ е стадионирана во Тел Авив, Израел, и таму покрај домашната репрезентација се и селекциите на Франција, Грција, Португалија, Романија и Турција.

Најдобрите четири селекции од секоја од групите ќе се пласираат во осминафиналните дуели. Македонија на претходните две првенства не успеа да ја мине првата фаза. На првенството во 2019 година во генералниот поредок завршивме како 17., додека на првенството во 2021 година бевме пласирани на 23. место.

Нашата репрезентација настапот на ова ЕП го почнува во среда од 20 часот во нашата најголема арена. Билетите се во продажба и нашите одбојари очекуваат голема поддршка од трибините за да се обидат да го направат најголемиот успех на оваа селекција, а тоа е пласман во осминафиналето.

ГРУПА „Ц“ – СКОПЈЕ (СЦ Б. Трајковски)

РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИ: 

30 август – 20:00 Македонија – Данска

31 август – 17:00 Црна Гора – Холандија

31 август – 20:00 Полска – Чешка

1 септември – 17:00 Данска – Чешка

1 септември – 20:00 Холандија – Полска

2 септември – 17:00 Холандија – Чешка

2 септември – 20:00 Македонија – Црна Гора

3 септември – 17:00 Данска – Црна Гора

3 септември – 20:00 Полска – Македонија

4 септември – 17:00 Данска – Холандија

4 септември – 20:00 Чешка – Црна Гора

5 септември – 17:00 Македонија – Холандија

5 септември – 20:00 Полска – Данска

6 септември – 17:00 Црна Гора – Полска

6 септември – 20:00 Македонија – Чешка

ПретходноГвардиола ја зголеми понудата: 60 милиони евра од Сити за Матеус Нунеш
СледноДориан Бабунски е пред трансфер во Грасхоперс