Репрезентациите на Данска и Холандија попладнево први пристигнуваат во Скопје пред официјалниот старт на Европското првенство во одбојка за мажи. В среда од 20 часот со натпреварот меѓу Македонија и Данска ќе започнат натпреварите во групата „Ц“ чиј домаќин е Скопје и СЦ „Борис Трајковски“ каде ќе се играат сите средби од оваа група. Останатите три селекции, Чешка, Полска и Црна Гора во Скопје пристигнуваат утре, кога ќе биде и официјалната прес-конференција со преставување на сите репрезентации учеснички во групата „Ц“ на ова ЕП.
Холанѓаните утрово на социјалните мрежи го најавија своето полетување за Скопје со надеж дека од нашиот главен град ќе заминат како патници во осминафиналето на Евроволеј 2023.
„Тргнуваме за Скопје. Првиот меч на 33. европско првенство ќе го одиграме во четврток против Црна Гора“, порачаа „лалињата“.
Тие во Скопје пристигнуваат со конечниот избор од 14 одбојкари кој го направи нивниоот селектор Роберто Пиаца и кои се сметаат за фаворити за пласман на едно од првите две места во групата „Ц“.
СОСТАВ НА ХОЛАНДИЈА:
ТЕХНИЧАРИ: Сил Меијс, Весел Кеминк
ПРИМАЧИ: Маартен Ван Гарденер, Тијс тер Хорст, Гијс Јорна, Бени Туинстра
СРЕДНИ БЛОКЕРИ: Сиебе Коренблек, Фабиан Плак, Михаел Паркинсон, Тван Вилтенбург
КОРЕКТОРИ: Нимир Абдел-Азиз, Вутер тер Мат
ЛИБЕРА: Џефри Клок, Роберт Андринга