Струга ТЛ во четврток на Исланд, на гости кај Бреидаблик ќе го одигра својот најважен меч во клупската историја, која трае само 8 години. Тоа ќе биде реванш меч од плеј – офот во Лигата на Конференции, тоа ќе бидат 90.минути кои можат да донесат нешто фантастично, а тоа е пласман во групната фаза.
И покрај поразот на првиот меч во Охрид со 0:1, сите во таборот на нашиот шампион се уверени дека на Исланд може да се дојде до резултат кој нас ќе ни одговара.
Сава Радиќ, дефанзивецот на Струга ТЛ, големиот борец, за “Спортспорт“ вели дека треба да се биде оптимист и да се верува во себе без разлика на резултатот од првиот меч:
“Јас сум оптимист во животот, па така и сега сум оптимист. Сметам дека можеме, се надевам дека можеме да ибориме пласман во групната фаза. Секако дека ќе биде тежок натпревар, сосема поинаков од оној што беше во Охрид. Сега Бреидаблик ќе биде домаќин, временските услови ќе бидат поинакви, но ние сигурно ќе дадеме се од себе да испишеме историја, поточно да испишеме уште една историјана Струга ТЛ зошто ова досега што го направивме е историја“вели Радиќ.
Факт е дека Струга ТЛ на Исланд ќе настапи ослабена, ќе ги нема Марјан Радески и Вангел Згуро, и двајцата стандардни првотимци:
“Се сложувам дека ќе бидеме ослабени, ќе бидеме хендикепирани. Но тоа не смее да не пореметува во плановите и амбициите. Треба да ни биде дополнителен мотив да играме и да победиме и за нив“ посочува дефанзивецот на стружани.
И тој и сите во тимот предводен од стратегот Шпетим Дуро добро знаат како треба Струга ТЛ да одигра на Исланд ако сака да дојде до историја:
“Овие мечеви се многу тешки за играње. Носиме негативен резултат од Охрид,но со еден постигнат гол и тоа како се враќаме во игра. Треба да се биде паметен, мудар, стрплив, треба да се биде фокусиран на секој детал или момент од реваншот. Јасно е дека ваквите мечеви обични ги решаваат деталите“ заврши Сава Радиќ.