Македонската одбојкарска репрезентација вечерва од 20 часот го почнува настапот на Европското првенство во Скопје. Момците на Јошко Миленкоски јуришаат на прва победа на третото европско првенство на кое нашата селекција избори пласман. Овој пат како домаќини во Скопје пред наша публика!
Одбојкарската федерација на Македонија во соработка со компанијата Ереа Спорт која е снабдувач со спортска опрема на најголем број светски одбојкарски селекции, направија три уникатни комплети дресови за нашата репрезентација со кои нашите момци ќе играат на овој континентален собир. Уникатноста е и во пораката која стои на крагната на дресовите и е моќна порака за сите кои ја сакаат Македонија – „Ние сме Македонци“.
Македонските одбојкари заслужуваат полн респект од сите вистински љубители на спортот, затоа што многупати досега ја потврдуваа својата љубов за Македонија! Така ќе биде и вечерва против Данска, така ќе биде и на секој следен меч во групата кој ќе се одигра пред полни трибини на СЦ „Борис Трајковски“.