Македонија запиша победа на стартот на Европското првенство на кое ко-организатор е токму нашиот главен град. Нашите момци ја совладаа Данска со 3-1, во еден исклучително тежок меч на кои покажаа карактер, покажаа дека се цврсто решени да се пласираат во осминафиналето.
„Ова беше доста возбудлив натпревар“, се првите зборови на селекторот по победата над Данска.
Искусниот стратег на чело на нашата репрезентација е свесен дека патот нема да биде лесен, па затоа предупреди:
„Ве молам без еуфорија, не чекаат тешки мечеви, прво против Црна Гора. Вакви мечеви во мојата кариера имам многу, тешко се искажува возбудата, секој момент беше за инфаркт. Искрено и јас на момент треперев.
После оваа победа не смее да не фати еуфорија, мора да се спуштиме на земја, бидејќи се спротивно би било погубно.
Имаме мисија да ја однесеме репрезентацијата во вториот круг. Мора да го издржиме тој притисок. Оваа средба беше пресудна, една од најтешките. Исто не чека и против Црна Гора. Ако ги победиме, останува до крајот на групната фаза да уживме и да ги мериме силите против најдобрите“, рече Миленковски.
Селекторот на македонската одбојкарска репрезентација потенцира дека момците правеле невообичаени грешки, но истовремено вели дека ги разбира и нив, и себе си за одредени рекации.
„Правевме невообичаени грешки, ги разбирам играчите, се разбирам и себе си, реагирав емотивно. Црна Гора со ваква игра можеме да ја добиеме, го има нивото на Данска, можеби и пониско, станува збор за млада репрезентација“.