Македонската тенисерка Магдалена Стоилковска по вчерашниот триумф во сингл, денеска со победа ги почна мечевите и во конкуренција на двојки на фјулрсот во Куршумлијска Бања, Србија (награден фонд 15.000 долари). Заедно со Романката Сабина Дадациу (која ја победи вчера во поединечна конкуренција) ги совладаа Јована Грујиќ (Србија) и Паула Михаела Оница (Романија) со 2-0 во сетови (61 60) за 44 минути игра.
Во следното коло ќе играат против првите носителки Тамара Чуровиќ и Бојана Маринковиќ од Србија.
Ова значи дека Стоилковска утре најверојатно ќе има и двојна програма бидејќи во мечот од второто коло во сингл ја очекува и мечот со квалификантката од Словенија Манца Пислак (25 години, 685 место ВТА).
Горазд Србљак со победа го почна настапот на машкиот дел од турнирот во Куршумлијска Бања што се игра за награден фонд од 15.000 долари. Тој во првото коло го победи квалификантот од Австралија Стефан Вујиќ со 2-1 во сетови (64 36 63) за 2 часа и 44 минути игра.
Во маратонскиот меч Србљак почна одлично и во првиот сет поведе со 3:0 и 5:1 во гемови, но противникот потоа успеа да намали на 5:4 и сепак десеттиот гем да му припадна на Србљак, кој го доби сетот со 6:4. Во вториот сет до 4:3 за Вујиќ немаше брејк, но потоа во осмиот гем Србљак го загуби гемот на свој сервис за потоа Вујиќ да го освои сетот со 6:3 и да изедначи на 1:1.
Во решавачкиот сет иста слика резултатски, но сетот му припадна на македонскиот тенисер. По 4:3 за Србљак, тој направи брејк за 5:3 и потоа го доби сетот со 6:3 во гемови.
Мечот беше речиси изедначен 33% искористени брејк топки Србљак (4/12), Вујиќ (3/9). Во вкупниот број поени беше 98:89 за Србљак.
Следен противник на македонскиот тенисер ќе му биде Алесандро Белифемине од Италија (22 години, 1334 место АТП) кој турнирот го почна во квалификациите, а во првото коло го елиминира седмиот носител Габриел Донев од Бугарија со 2-1 во сетови.
Во тек е мечот на вториот македонски тенсиер кој настапува на турнирот Обрад Марковски, кој игра против Алекса Писариќ од Србија.